КИЧЕВО
Многуте рекреативци што редовно се движат на релацијата Кичево – СРЦ „Крушино“ и обратно се крајно разочарани од сликата што ја гледаат додека се искачуваат по источните падини на Бистра за да стигнат до спортскиот центар или се спуштаат на враќање по некоја од омилените патеки. Ѓубре има буквално на секој дел од патот и крај патот.
Колку што природата дала неповторлива убавина, толку неодговорните граѓани како да имаат намера да ја влошат идиличната слика со фрлање секаков отпад, во безмалку недопрената природа. Недисциплинираните жители на Кичево како да се натпреваруваат кој повеќе ѓубре ќе истури во оваа божја убавина. Џогирам и планинарам повеќе од половина век, сум живеела и во други земји, но ваков однос кон природата никаде не сум сретнала како во овој град – вели Елена Цацова.
Таа додава дека рекреативците, наместо да се надишат чист воздух и да уживаат во недопрена природа, мора многу често да прескокнуваат ѓубре или да поминуваат низ цели депонии.
Можеби инспекциските служби почесто треба да го посетуваат овој простор и да преземат соодветни мерки кон недисциплинираните граѓани – додава Цацова.
Нејзиното искуство го слушнавме и од други рекреативци, кои со слични зборови се навраќаат на грдата глетка под Крушино, каде што ѓубрето го има отповеќе.
Како да има натпревар помеѓу жителите на Кичево кој ќе направи поголема депонија под Крушино. Граѓаните буквално сѐ што не им е потребно во домот го фрлаат на овие падини. Тука може да се забележат стара гардероба, скршена санитарија, мебел, обувки и сѐ што сметале дека им е вишок. Екологистите треба да поведат акција за еднаш засекогаш да престане оваа дивеење со природата во нашето опкружување – вели Лидија А., рекреативка.