ПРИЛЕП

Градоначалникот Илија Јованоски се сретна со претставници на здружението за правна едукација и транспарентност „Станица ПЕТ“ од Прилеп, на која се разговараше за унапредување на услугите за остварување на правата на граѓаните од општината, а особено на жителите од оддалечените рурални средини.

Претставниците на здружението презентираа иницијатива за воведување мобилна канцеларија за параправна помош во селото Витолиште, која ќе биде достапна за граѓаните во одредени денови во неделата. Во канцеларијата ќе работи тим составен од правник и од параправник, кои ќе ги обезбедуваат услугите за граѓаните.
– Во изминатиот период, „Станица ПЕТ“ преку своите правници и параправници во општините Прилеп, Кривогаштани и Долнени, им нуди правна асистенција на граѓаните во остварувањето на нивните основни човекови права. Сепак, дел од граѓаните што живеат во оддалечените рурални места имаат тешкотии во добивањето на услугите поради оддалеченоста од градот, што ги принудува да патуваат понекогаш и повеќе од 100 км во двата правци. Со воспоставувањето на мобилната канцеларија за параправна помош, граѓаните ќе можат да добијат помош и услуги директно во нивните заедници, со што значително ќе се подобри остварувањето на нивните права и ќе се овозможи еднаков пристап до правда за сите – велат во Општината.

Градоначалникот Јованоски ја поддржа иницијативата преку бесплатното отстапување просторија во сопственост на општината во селото Витолиште, а истовремено изрази поддршка за ваквите иницијативи, кои имаат цел унапредување на правата и квалитетот на животот на сите граѓани од Општина Прилеп. Мобилната канцеларија за параправна помош ќе се реализира со поддршка од Европската Унија и украинската Фондација за правна помош.