Мини училници на отворено, направи за балансирање, дрвени греди за рамнотежа, едукација преку игра, учење на бројки и букви, математички операции, забава и рекреација, се само дел од содржините кои ги нуди новиот Природен парк (Еко парк) во состав на Градскиот парк во Битола, кое деновиве е едно од најпосетуваните катчиња од родителите и мајмладата популација во градот.
Градоначалничката на Општина Битола и директорот на ЈП „Комуналец“ Панде Богоевски, го посетија ова место, со цел да се промовираат сите активности кои што на отворено, им се нудат на најмладите.
– Денес имаме можност да го промовираме овој еко парк-еко центар, кој дава можност за рекреативни активности на нашите најмали дечиња, кои што се од исклучително значење во овие околности на ковид пандемија, како дополнителен простор за рекреативни, но и едукативни активности од областа на екологијата. Овој простор дава можност да биде искористен и за одржување на низа еко-работилници, со еко-содржини, каде што младите ќе се стекнуваат со нови предзнаења од областа на екологијата, но и воопшто, за различни наставни содржини кои што ги следат во образовните институции. Ме радува инвентивноста која што ја имаше ЈП „Комуналец“ со нивните вработени, која што е повеќе од евидентна и видлива во последнот период и која што покажува дека со и многу малку може да се направи многу, кое многу значи за нашите деца – рече градоначалничката Петровска.
Паркот започна со реализација од пред околу една година, кога вработените се соочиле со предизвик, да се соедини практичното и едукативното, а при тоа да се добие убав и нов простор во градот. Користени се отпаднати гранки, стебла и се што нуди овој дел од паркот.
– Речиси со нула денари трошоци, Битола доби единствен природен парк во нашата држава, со користење на автохтони материјали од самиот парк. Идејата започна со паѓањето на едно големо дрво, кое што беше проблематично да го подигнеме. Од секторот за зеленило, предложија да направиме ваков парк од исклучиво природни материјали. Тоа што ни беше на располагање го искористивме многу ефективно, многу мудро и многу паметно. Се надевам дека оваа прекрасна содржина ќе ја сочуваме сите заедно – истакна директорот на ЈП „Комуналец“ Панде Богоевски.
Новиот еко-центар во Градскиот парк е уште еден од реализираните проекти, зацртани во програмата за работа на градоначалничката Наташа Петровска. М.М.