Кичево
Во Кичево, градот со најмногу кружни текови во земјава надвор од главниот град, деновиве се врши освежување на хоризонталната сигнализација на кружните текови, откако претходно беа освежени пешачките премини и надолжните линии на сообраќајниците.
Обележувањето го врши ЈКП „Комуналец“ – Кичево. Откако ова претпријатие набави соодветна опрема, хоризонталната сигнализација во Кичево секогаш е во добра состојба и во голема мера им помага на учесниците во сообраќајот да возат безбедно и во согласност со прописите. Како што ни беше речено од вработените во компанијата што го вршат овој зафат, со новото освежување на кружните текови, истите тие ќе бидат лесно воочливи и од поголема далечина, бидејќи имаат рефлектирачка светлина, која им сигнализира на возачите како и колку брзо да возат.
– Започнавме со освежување на хоризонталната сигнализација на сите кружни текови во градот, како и на рабниците на улиците околу кружните текови.
Најпрво ги освеживме кружните текови кај хотелот „Арабела“ и пред влезот во касарната, а од денеска продолживме и на булеварот Ослободување, улиците Магистрален пат, Борис Кидрич и други. Бидејќи новата сигнализација има рефлектирачка светлина, ќе им биде од голема помош на возачите од далечина да ги воочат кружните текови и безбедно да ги минуваат, а тоа е најважно во претстојниот период, кога во земјава се враќаат нашите печалбари на годишен одмор и кога интензитетот на сообраќај во градот е значително поголем. Токму новопоставената рефлектирачка сигнализација ќе помогне одвивањето на сообраќајот во најфреквентните делови на градот да биде олеснето, безбедно и според сообраќајните прописи.
Ако ни дозволи времето, очекуваме да го финализираме овој зафат во наредните две седмици – рече Зенел Јонузи, директор на ЈКП „Комуналец“, кој најави и освежување на пешачките премини на местата каде што тие не се доволно видливи.
Инаку локалното комунално претпријатие во два наврата годишно врши освежување на хоризонталната сигнализација, особено води голема грижа хоризонталната сигнализација да биде лесно видлива пред училиштата и градинките и на сите локации каде што и концентрацијата на луѓе, особено на деца, е најголема. Со новоизградените кружни текови и со освежената хоризонтална сигнализација, безбедноста во сообраќајот во Кичево е на највисоко ниво и покрај големиот број возила, над 10.000, кои секојдневно циркулираат на градските улици. За тоа се потврда малиот број сообраќајки што се случуваат во последно време.