На денешната седница на Советот на општина Битола, опозицијата побара наместо по точките утврдени во дневниот ред да се расправа за една и единствена точка, поточно за состојбата со пандемијата во Битола, која е алармантна, бидејки според советникот Иванчо Тошевски, во моментот има 4.881 регистрирани случаи позитивни на ковид-19, со што Битола на 100 илјади жители има 120 случаи позитивни на ковид-19.
За само три недели бројот на позитивни случаи во Битола се искачи на 1.106, а бројот на починати достигна 193.
Воедно опозицијата предложи од средствата на општинскиот буџет да се издвојат 50 милиони денари за помош на болните од ковид-19 и Кризниот штаб да си даде оставка. Но ваквата иницијатива на опозицијата беше отфрлена од мнозинствто советници, по што незадоволната опозиција ја напушти седницата.
Инаку, во продолжението на седницата, Советот, на предлог на градоначалничката Наташа Петровска донесе одлука угостителите уште од денес да ги отстранат
оградите од терасите, наместо на предвидениот рок – 15 април, за да се избегне престојување на повеќе лица во затворен простор.
Петровска имајќи ја предвид состојбата со заболени лица од ковид-19 во општината, побара да се донесе „Одлука за изменување на Одлуката за утврдување на критериуми и стандарди за поставување на урбана опрема на подрачјето на Општина Битола“.
Со донесувањето на оваа одлука се бара имателите на угостителските објекти да ја отстранат урбаната опрема – метална ограда со стакло, како и дрвената платформа, почнувајќи од денешниот ден, наместо на 15 април. М.М.