Припадниците на 4. механизиран пешадиски баталјон, денес го одбележаа денот на загинувањето на народниот херој Чеде Филипоски Даме, 29 јуни, чие име го носи касарната во Кичево. На одбележувањето присуствуваа и командантот на 1. механизирана пешадиска бригада, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, командантите на единиците од составот на 1. единица. мпбр, претставници на единици на локалната самоуправа во зоната на одговорност на единицата, претставници на Сојузот на борците од Кичево и Охрид, како и правни и физички лица со кои единицата има соработка.
За културно забавната програма се погрижи локалното културо уметничко друштво„ Бисер“ од Кичево, чии играорци изведоа сплет од неколку ора.
Најпрво во алеата на великаните каде се наоѓа и бистата на народниот херој, од страна на присутните делегации беа положени букети свежо цвеќе, потоа присутните на одбележувањето ги поздрави командантот на 4. Механизиран пешадиски баталјон потполковник, Боро Латкоски.
– Денес со оваа воена свеченост го одбележуваме патронатот на касарната Чеде Филипоски Даме. Чест и задоволство ми е да Ви се обратам и истакнам дека сме горди што ги продолжуваме светлите традиции на нашето историско минато. Во својот краток живот народниот херој Чеде Филипоски Даме имаше бурен животен пат и успешна воено-политичка кариера. Од ѕидарски работник во младите години и член на партиската ќелија од 1941 година, стана командант на дивизија а потоа и член на АСНОМ, највисоко претставничко тело во тогашна Македонија. Срцето на големиот син, патриот, борец и херој на Македонија, престана да чука на 29 јуни 1945 година. За сите нас овој ден ќе остане врежан во меморијата, ден на загуба и црн ден за нашата татковина за македонското битие. Чеде загина, но остана да живее вечно во партизанските песни и легенди, во бронзата што молчи, во книгите и учебниците. Тој живее во нашите мисли и се уште постои како жива присутност меѓу сите нас – истакна меѓу другото командантот, потполковник Боро Латкоски.
На крајот од денешното одбележување за присутните во касарната беше организиран тактичко – технички збор. З.А.