Екипи на Општина Штип деновиве поставуваат заштитна ограда по течението на реката Отиња, односно по пешачката површина на улицата Кеј Маршал Тито, од градската црква „Св. Илија“ до Градскиот трговски центар, во должина од околу 925 метри.
Се работи за ограда што ќе чини 1,7 милион денари и ќе биде дополнителна заштита за пешаците, кои го минуваат тој дел од централното градско подрачје.
Финансиските средства се одобрени од Владата по прифатен амандман од страна на пратеничка група.
– Сакам да ѝ се заблагодарам на Владата за тоа што реално ги следи потребите на општините и на граѓаните и парите ги насочува за вистинските потреби. Ние како локална самоуправа изработивме проект и распишавме тендер со што се започна со поставување на оваа ограда како дополнителна заштита за пешаците – истакна градоначалникот Благој Бочварски.
Владата дополнително одвојува пари за најважниот проект за штипјани, а тоа е брана на реката Отиња.