Со средства на Министерството за култура на Македонија, пред неполн месец, на платото пред Центарот за култура во Кичево, започна промената на старите мермерни плочки кои под забот на времето беа доста оштетени и на нивно место ќе бидат поставени нови травертин плочки, со кои ќе бидат обложени и скалите пред Центарот за култура. Целокупниот зафат треба да заврши до крајот на месец ноември, со што ќе се подобри како естетскиот така и функционалниот дел од центарот.
-Со средства обезбедени од Министерството за култура во износ од 1.154.500 денари, во тек е реализацијата на проектот за промена на старите и во добар дел оштетени мермерни плочки, со нови травертин плочки, на платото пред Центарот за култура. Новите травертин плочки ќе бидат поставени на површина од 200 квадратни метри, кадешто покрај платото, нови травертин плочки ќе добијат и скалите од влезот на центарот. Целокупниот зафат ќе биде завршен до крајот на овој месец , со што практично летната сцена целосно подготвенма ќе ја дочека следната летна сезона, кога на ова плато се случуваат повеќе културни настани. Покрај поставувањето на нови травертин плочки, се монтира и нов алуминиумски плафон на влезниот дел а ќе бидат монтирани и нови тавански сијалици. Со сите зафати кои се спроведуваат во овој дел од Центарот за култура, започнува етапното санирање на дотраените делови од центарот, кој годинава го прослави 36 роденден од почетокот на работа – истакна Мазлам Османи, директор на Центарот за култура во Кичево.
З.А.