Буџетот на Општина Прилеп е во ризик, посочи на денешната прес-конференција Ирена Стерјоска Локвенец, заменик-градоначалничка на Општина Прилеп. Таа истакна дека при преземањето на општината, новата власт од ВМРО-ДПМНЕ затекнала големи обврски.
– Вкупните обврски, во кои спаѓаат тековните обврски, долгорочните обврски и обврските по договори за јавни набавки претставуваат висок износ од 292.562.164 денари. Високиот износ на обврски оставени од претходната локална власт предводена од СДСМ можно е да го доведат под ризик извршувањето на Буџетот во 2022 година. Ризик фактор за извршувањето на буџетот ќе претставуваат и судските спорови, посебно судскиот спор кој е поведен од изведувачот на реконструкцијата на мостот на градската река на улица Трајко Николоски. Кога ВМРО-ДПМНЕ беше опозиција, реагиравме по информациите со кои тогаш располагавме, дека има сомнителни и спорни постапки во овој предмет и проект. Тоа сега и го увидуваме преку документацијата од каде лесно може да се констатира дека и покрај поминатиот временски период за реконструкција, првиот договор е склучен на 10 мај 2019 година со времетрање од 365 дена, сепак на 18 декември 2020 година или седум месеци по пробиениот рок склучен е анекс-договор со што вредноста на првичниот договор е зголемен за 4.150.206 денари. Она што исто така е важно е тоа што овој мост беше пуштен во употреба во декември 2020 година во присуство на министерот за транспорт и врски г-н Бочварски, а на 30 март годинава повторно е склучен нов анекс-договор кој го поништува анекс-договорот од 9 април 2020 година со број 03-50/12. Вредноста на мостот кај сточен пазар стигна приближно 600.000 евра. Исто така, друга ставка која остава впечаток при анализата на финансиската документација е ставката на привремени вработувања. Рекапитулацијата на оваа ставка во период од 2018 до 2021година е фантастични 66.468.765 ден. Од тука може да се види на кој начин се водела кадровската политика на ниво на нашиот град. Само за споредба, во период од 2013 до 2017 година на оваа ставка биле потрошени 5.400.000 денари. Она што треба да го знаат граѓаните е тоа што овие високи средства на буџетски пари се на сметка на намалување на средствата за капитални расходи кои можеле да бидат наменети за некои капитални проекти – рече Стерјоска Локвенец на прес-конференцијата, при тоа најавувајќи дека ќе се врши целосна ревизија на финансиите во општината. Ка.М.