Привршуваат активностите за промена на столаријата на општинската зграда и во домот на културата во Берово. По повеќе од две децении, општинската зграда и домот на културата ќе блеснат во нова енергетски ефикасна ПВЦ-столарија, со четирисезонско трислојно стакло, со седум комори. Од општината Берово велат дека постојано се грижат за подобрување на условите за живот, применувајќи ги современите технологии за енергетска ефикасност и базирајќи се на принципите на заштеда на енергија.
– Средствата во износ од 1.615.720 денари се обезбедени од Програмата за намалување на загадувањето на воздухот на Владата за 2019 година. Од нив, 1.162.000 денари се наменети за просториите на општината Берово, а 453.270 денари се за просториите во зградата на ДК „Димитар Беровски“. Целта на оваа мерка на Владата е намалување на трошоците за енергенти, преку спроведување на мерките за ублажување на загадувањето во земјата, а целокупната постапка до избор на најповолен понудувач е спроведена преку генералниот секретаријат -информираат од општината Берово.