Ниту ниските температури, снегот и дождот, не ги спречија јапонските цреши засадени на главната улица во Кичево, да расцветаат во периодот кога тоа го чинат секоја година, кон крајот на март и почетокот на април.
Така деновиве и покрај намалената фреквенцијата на граѓани поради пандемијата со Корона вирусот, сепак најхрабрите и жителите кои живеат во непосредна близина на главната улица да си дозволат барем накратко да уживаат во розевината на јапонски цреши засадени пред десетина години, а повеќето шетачи не ја пропуштаат приликата и да се фотографираат или да направат самослик, за спомен од оваа убавина подарена од природата.
– Ново востановената традиција кон крајот на март и почетокот на април на главната улица во нашиот град да уживаме во розевината на јапонските цреши, кои и покрај пандемијата со Корона вирусот барем накратко ни го разубавуваат животот при секојдневните прошетки, не изостана ниту годинава. Црешите по потекло од даличениот Исток, се покажаа како многу жилави на невремето, бидејќи го преживеаја студот и снегот и со целата своја убавина се подадоа пред нашите очи, за разлика на овошките кои ги имаме во нашите дворови и кои останаа без род поради снегот и ниските температури и годинава ние нема да го вкусиме родот од кајсиите и праските поради ова невреме – велат Петар и Ристо, жители од блиската населба.
Ниските температури и снегот присутни деновиве во земјава направија многу штети на коскестите овошки како праските и кајсиите, токму во периодот кога овие беа во екот на цветањето. Сега се стравува да не се повторат мразевите кон средината на април, кога цветаат јаболката и останатите овошки, бидејќи во три години по ред, овоштарите останаа речиси без приходи, поради драстично намалениот род на јаболката крушите и останатите овошки.