БИТОЛА
Покрај детскиот парк што пред извесно време беше изграден кај шеталиштето, Битола доби уште едно прекрасно детско паркче за разонода на младите. Новиот детски парк е изграден на Голема Ливада на Пелистер. Двата детски парка се изградени со пари на Министерството за локална самоуправа, Општина Битола, Швајцарската агенција за развој и на Пелагонискиот плански регион.
– Во градскиот парк е изградено детско катче, проект за кој Општина Битола овозможи и изработи проектна и техничка документација, а Министерството за локална самоуправа и Швајцарската развојна агенција обезбедија финансиска поддршка од 4,6 милиони денари. Со реализацијата на овој проект Битола доби пријатно катче за разонода на сите деца, вклучувајќи ги и децата со посебни потреби.
Вториот проект го реализиравме во националниот парк Пелистер, кај местото Голема Ливада, каде што се гради авантуристички детски парк, за што се обезбедени два милиони денари – рече министерот за транспорт и врски Горан Милевски.
Градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, кажа дека благодарение на форумите со граѓаните и предлозите иницирани на заеднички средби, се реализирани конкретни проекти.
Директорот на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион, Гого Видимче, рече дека токму овој проект Пелистер може да биде поттик за други инвестиции во националниот парк.