БИТОЛА
Без измени на постојните урбанистички планови и урбанизација на населбата Горен Баир, нема решение за проблемите со кои се среќаваат жителите од оваа населба, која се наоѓа над Битола, на регионалниот пат Прилеп – Битола – Охрид. За да се направи тоа, потребно е зголемување на притисокот не само на жителите од населбата Баир, туку и на стручната јавност врз Општина Битола. Со урбанизација на Баирот ќе се создадат услови за инвестиции во водоводната и канализациската мрежа и трајно ќе се решат проблемите не само со водоснабдувањето на овој дел на Битола туку ќе може да се реализираат и други инфраструктурни зафати. Ова е главниот заклучок на дебатата што се одржа деновиве во Битола, на трибината на регионалното географско друштво „Геосфера“ од Битола, во рамките на проектот „А бе, го сакам Баиро чист“.
На трибината, на која покрај другите учесници учествуваа и преставници на Националната коалиција за животна средина (во која членуваат над 30 организации од државата) отворено се дискутираше за тоа како да се решат супстандардните услови во кои живеат жителите на ромското население во населбата Горен Баир во Битола и како тој дел на Битола, кој во моментот е најголема депонија во градот, која претставува резервоар за зарази и загадување на животната околина во градот под Пелистер, да стане пристојно место за живеење.
Истражувањето на „Геосфера“ покажа дека околу 1.500 жители или 244 објекти во неурбанизираната населба Горен Баир во Битола се со повремен доток на вода, а 500 жители или 88 објекти се буквално без вода. Резултатите од теренските истражувања во населбата Горен Баир, кои ги спроведе „Геосфера“-Битола, а се однесуваат на анкетирање на населението за најголемите еколошки и комунални проблеми, нивно мапирање и промоција на видеозапис за животот на ромското население, покажаа дека немањето урбанистички решенија е главната причина за немањето инфраструктура во населбата. Но загрижува и односот на жителите кон хигиената и животната средина и тоа што во настојувањето да дојдат до некои средства за голо преживување, баирчани собираат сѐ и сешто и од населбата направија вистинска депонија на стари автомобили, делови, кабли, пластични шишиња, алишта.
Во таква ситуација сите настојувања на комуналните претпријатија да се справат со нехигиената и депониите на Баирот најчесто се залудни. Затоа граѓанските организации инсистираа за носење одржливи трајни решенија, кои целосно ќе ги решат проблемите, а не само краткотрајно. Како главен заклучок од тркалезната маса беше истакнато воспоставувањето поголема соработка меѓу граѓанските здруженија во Битола за интензивирање на притисокот врз институциите и јавноста во градот за трајно решавање на еколошките и комуналните проблеми.
Освен тоа, беше истакната и потребата од поголем ангажман на граѓанскиот сектор и институциите во зголемувањето на еколошката свест кај ромското население. Во однос на отстранувањето на двете големи диви депонии, кај игралиштето за фудбал и каналот за прифаќање на поројните води, беше констатирано дека каналот е под надлежност на јавното комунално претпријатие ЈП „Нискоградба“, а во моментот претставува потенцијална опасност од поплави за населбата Бадембалари при евентуални поројни врнежи и поради тоа во најбрзо време треба да се исчисти.
За подобрување на хигиената на тој дел од населбата беше побарано од страна на ЈП „Комуналец“ да се постави контејнер со голем капацитет, до кој ќе има услови за пристап на камион, но и вработување на едно ромско лице од Горен Баир во ЈП „Комуналец“, кое ќе биде постојано присутно на терен и ќе ја одржува хигиената на тој простор.
По усвојувањето на заклучоците од тркалезната маса, присутните покажаа оптимизам дека со ангажирање на сите надлежни институции и издигнувањето на свеста кај населението што живее на Баирот, оваа населба можеби нема да стане „силиконска долина“, како што пред три години најави бившиот министер задолжен за ромските прашања Самка Ибраимовски, но може да стане пристојно место за живеење, бидејќи ја има најдобрата локација на градот Битола.