КАРПОШ

Почетокот на учебната година во основните училишта во Карпош се одвива без поголеми проблеми. Протоколите доследно се почитуваат во сите десет образовни установи. Наставата се одвива со физичко присуство за учениците до трето одделение, а паралелно наставниот кадар предава и онлајн, за учениците што го следат образовниот процес од своите домови.
-Учениците повторно креваат два прста и се натпреваруваат во знаење, наставничките трпеливо ја објаснуваат наставната материја, а административно-техничкиот кадар се грижи за контрола на хигиената и за спроведување на потребните мерки – велат во Општината.
Во овие моменти, додека се приспособува Националната онлајн платформа, наставниците предаваат на Мајкрософт тимс, каде што онлајн делот се одвива без застој.

Општина Карпош продолжува со тековно следење на состојбата во основните училишта и во детските градинки. Со последниот ребаланс на буџетот дополнително се зголемија средствата за хигиена и дезинфекција на училиштата, а се одвоија и повеќе пари за ИТ-опрема.
– Како локална самоуправа се заблагодаруваме до сите наставници, педагози, административно-технички кадар, родители и ученици за трпението и разбирањето што го имаат во овој период. Оваа учебна година е нов почеток за сите. Никој не може да вети целосна подготвеност, но сите мора да бидеме одговорни – додаваат оттаму.