На повеќе локации во Кичевско денеска се регистрирани шумски пожари. Зафатени се регионите на селата Белица и Црско. Сушата, сувата трева и лисјата кои почнуваат да паѓаат од стеблата и ветерот, го потпомагаат ширењето на овие шумски пожари на поширокиот регион и го отежнуваат нивното локализирање.
-Денес во нашиот регион регистрирани се три шумски пожари на три засебни локации. Најголемиот шумски пожар се појави во регионот на село Белица, каде што гори ситно стеблеста шума и други растенија и ако наскоро не се ликвидира овој пожар, огнената стихија ќе ја зафати и дабовата шума. Нешто помал пожар се појави кај село Црско, каде што гори сува трева и ниско стеблеста шума, но и овој пожар како и оној кај село Белица сеуште не е ликвидиран. Во текот на денешниот ден екипи од подружницата на ШС „Лопушник “ Кичево, специјализирани за гасење на шумски пожари се наоѓаат на терен со цел да го спречат ширењето на огнената стихија, а наши противпожарни возила и екипи работат на терен, но поради тешко достапните терени не сме во можност да интервенираме и во огненото жариште. Во текот на утрешниот ден повторно ќе интервенираме на овие пожари, а во тоа сесрдна помош ќе ни дадат екипите на ШС „Лопушник“ и доброволци од локалното население – рече Горан Соколески од ТППЕ Кичево.
Допрва ќе се утврдуваат причините за овие пожари и направената штета.
З.А.