КИЧЕВО
Сезоната на изобилство од овошје и зеленчук е во полн ек, тоа се чувствува и на кичевскиот зелен пазар, каде што понудата на земјоделски производи ја зголемуваат локалните производители од селата Србјани, Бигор Доленци, Староец и Пополжани,Челопеци и други. Но иако понудата на поквалитетни производи е многу поголема, сепак тоа не се одрази и врз цените на земјоделските производи и практично исти или слични беа цените на почетокот на летото и сега, забележуваат купувачите, од чија страна кичевскиот зелен пазар е прогласен за најскап во земјава.
Купувачите се по малку разочарани од овој факт, бидејќи и тие очекуваа како поранешните години цените барем во август да бидат пониски и подостапни и за лицата со поплиток џеб, но во овој град не се случува тоа.
– Годинава и дефинитивно ќе јадеме скапо овошје и зеленчук во текот на целата година. Тоа може најдобро да се види по августовските цени на зелениот пазар, кои се високи како во претсезона. Ниту локалните производители, кои ги зголемија понудата и квалитетот, не ја намалија цената на земјоделските производи. Човек да се запраша зошто да ги намалуваат цените кога и вака добро им оди и заработката им е поголема. Единствено ние потрошувачите сме на штета, затоа што мора да купуваме и да консумираме најскапо овошје и зеленчук во земјава – вели Крсте Милески, чест посетител на зелениот пазар.
На сите купувачи тешко им паѓа фактичката состојба со високите цени, но кога немаат избор, мора да ги прифатат такви какви што се, иако поради тоа во ова време на корона сѐ повеќе им се тенчи семејниот буџет.
– Нашиот зелен пазар отсекогаш бил меѓу најскапите во земјава. Летово буквално нема промени надолу на повеќето производи, иако овој период е врвот на сезоната со најголема понуда. Се добива впечаток кога си на пазар како да си во некоја кинеска продавница, сите продукти со една цена. Така и на нашиот пазар, доматите, пиперките, грозјето, сливите, праските, сѐ е со иста цена – 50 денари за килограм. Да прошетате по другите градови, сигурно истите производи ќе ги најдете поевтини. Кај нас ги нема повеќето производители од најземјоделските региони, како порано, а тоа дополнително се одразува на константно високите цени на земјоделските производи и во екот на сезоната – вели Перо Тренески, редовен купувач на зелениот пазар.
Колку и да шетате по пазарот, речиси секаде ќе наидете на идентични цени на производите, ниту поевтино, нито поскапо, коментираат купувачите.
– На нашиот пазар нема потреба да барате поевтино, бидејќи цените се исти на сите тезги, тоа е добро позната работа со години – вели една пензионерка, редовна муштерика на зелениот пазар во саботите, кога во градот е пазарен ден.