Жителите на кумановското село Довезенце поради паднатиот мост на реката Крива Река која што селото го дели на два дела во последните шест години мака мачат во меѓусебната комуникација но и при извршувањето на секојдневните обврски и потреби. Инаку селото Довезенце кое се наоѓа на 25 километри од Куманово во правецот кон Крива Паланка, во непосредна близина на селото Клечовце, во моментот има педесетина куќи со околу двесте постојани жители кој што број во летните месеци поради 80 – те викендички ја надминува бројката од преку 400 жители.
Паднатиот мост на реката поради својата специфика и местоположба има големо влијание врз секојдневниот живот на жителите бидејќи го дели селото на два дела. Проблемите се појавуваат најмногу кога водостојот на реката, било поради топењето на снегот или поради обилните врнежи, е зголемен до толкава мера што водата комплетно го покрива мостот, со што во моментот се прекинува секаква комуникација меѓу жителите од двата дела на селото. Меѓу најгорливите проблеми што ги мачат селаните во таквите периоди од годината кои понекогаш знаат да траат и до месец па и повеќе, се набавката на основните животни намирници од селската продавница, секојдневниот откуп на млекото, посетата на селската црква. Во многу ретки случаи проблемите кулминираат и одат до таа мера што при евентуална смрт на жител на селото семејството не може починатиот да го пренесе на другата страна од реката на која што се наоѓаат селските гробишта. Во таква ситуација жителите на селото се принудени да користат помош од тешка механизација и тоа само благодарение на фирмите кои што во моментот работат на изградба на пругата кон Република Бугарија.
Во врска со мостот пак од страна на жителите на селото уште во далечната 1978 година е изработен комплетен елаборат (кој никогаш не бил одобрен) и е доставен на увид на општината Куманово, но до ден денес никој од општината па дури и од државата не пројавил интерес да им излезе во пресрет и да им помогне на жителите на селото Довезенце. Поради ваквиот индолентен однос, тие самите во 2001 година искористиле бетонски носачи долги 12 метри, до кои дошле „благодарение“ на бомбардирањето на НАТО при што бил урнат мост покрај автопатот кај населбата Карпош во Куманово. Од овие носачи тие сами си изградиле каков-таков функционален мост кој за жал издржал само десет години, а кој што сега во последните шест години стои паднат и во одредени периоди од годината на жителите на селото им создава големи и сериозни проблеми.
Од друга страна пак според информациите од Одделението за урбанизам при општината Куманово во врска со паднатиот мост велат дека во целост се запознаени со проблемот и дека во случајот станува збор за комплексна и скапа инвестиција што не може да се реши без претходно изработена комплетна техничка документација.
По завршување на сите неопходни подготовки, кои се веќе почнати, ќе се пристапи на изградба на квалитетен и траен мост со димензии од 20 метри должина и три метри ширина кој што во иднина ќе ги реши сите досегашните проблеми на жителите на селото Довезенце.
Т.Д.