Многувековната традиција на културно-туристичката манифестација „Велигденски кули“, пред голем број гости се одржа и годинава во Македонски Брод, на која покрај локалните жители, присуствуваа и граѓани од соседните општини и од странство. Оваа манифестација традиционално се одржува на вториот ден Велигден и датира од времето на Османлиското царство. На годинешната манифестација настапија и КУД „7 Септември“ од Македонски Брод, КУД „Браќа Ѓиноски“ од Гостивар, КУД „Новаци“ од Битолско и КУД „Брвеница“ од тетовско и неколкумина вокални солисти.
Уникатноста и долговечноста на оваа традиционална културна манифестација е причина што таа наскоро ќе биде ставена под заштита на УНЕСКО. Токму за овие потреби телевизиска екипа направи репортажа за Велигденските кули и ова ќе биде првата маниферстација од овој регион, што ќе биде под заштита на оваа светска организација, која се грижи за планетарното културно наследство. Организатор на Велигденските кули традиционално е Домот на културата од Македонски Брод.
– Велигденските кули се производ на едно време кога локалното население било угнетувано од поробувачот и му било забрането да ги слави верските празници и да не ги извршува обредите својствени за овие празници. Потикнати од нехуманиот однос на Османлиите, авторитетите од овој регион одлучиле да го посетат султанот и со седум капи златници да откупат еден празник во годината, кого ќе можат слободно да го празнуваат. Броѓани го избрале вториот ден Велигден и како потврда за непокорот одлучиле да формираат Велигденски кули од човечки тела. Бројот на кулите секогаш е непарен и може да изнесува 3,5 или седум а бројот на лицата кои ќе ги формираат овие кули секогаш е константен и изнесува десет, поточно пет лица во долниот ред фатени рамо за рамо и пет качени на нивните рамења и така со песни ги носат кулите по една иста многувековна траса по нагорнината до сред село – вели Милена Стојческа, етнолог и директор на Домот на културата во Македнски Брод.
Таа додава дека првиот ред ги симболизира поробувачите Османлии а горниот ред македонскопто население, неговиот непокор и желбата за слобода.
– Кулите секогаш ги прават само припадници од локалното население, додека гостите можат да бидат единствено набљудувачи. За оваа традиционална манифестација се заинтересирал и полскиот истражувач и етнолог Јозеф Обремски, кој во Поречијата престојувал во периодот 1932-1933 година и во негова чест и како потсетување на неговиот престој во овој регион, во село Самоков е подигнат и споменик – додава Стојческа.