Пред нас малата црквичка се капе во претпладневното сонце, а наоколу зеленило. Изградена во 1872 година, го носи името на светецот Никола, последните години си го враќа стариот сјај и привлекува многу посетители
На десетина километри од Прилеп, кај селото Прилепец, се наоѓа манастирот „Св. Никола“. Сместен во убава природа, во прегратките под планината, само на неколку километри од селото, во кое сега живеат само неколку семејства. До селото се стигнува брзо и лесно со возило, бидејќи најголемиот дел е асфалтен пат, за потоа да се продолжи по тампониран пат. Од селото нагоре патот малку е полош и, ете, убава можност да се испешачат неколку километри до манастирот, кој некогаш бил природна воздушна бања. По патот додека се искачуваш по угорнината го вдишуваш ,убавиот чист воздух. Полека се движиш, а пред тебе фантастична природа. Зеленило што ги полни очите. Милина за душа.
Пристигнуваме пред манастирските порти. Влегуваме и прво што нѐ дочекува е светонеделската чешма, за која се смета дека од неа тече лековита вода. Пред нас малата црквичка се капе во претпладневното сонце, а наоколу зеленило. Бидејќи беше неработен ден имаше повеќе луѓе што дошле во убавиот потпланински манастир да се „надишат“ свеж воздух. Влегуваме во црквичката, палиме свеќа за здравје, а потоа седнуваме со пријатели на една од масите на чардакот од конаците, да се одмориме од пешачењето.
Неизбежно започнуваме разговор со еден од членовите на манастирскиот одбор за манастирот, кој некогаш не само што бил воздушна бања туку бил и детско одморалиште, заради убавиот и чист предел.
Сега тука живее повозрасна жена, која е домаќинка во манастирот, и двајца сточари, кои се грижат за одгледување на поголемо стадо овци што се сместени во трлата над манастирот.
Последните години од одборот се грижат за одржувањето на манастирот, за негова реконструкција. Прво се малку средени конаците, за да се продолжи со другиот дел. Манастирот е изграден во 1872 година. Го носи името на светецот Никола. Некогаш тука се организирала и обука за народна одбрана. Подоцна го одржувале дограмаџиите, па самарџиите…
Во време на Втората светска војна манастирот бил засолниште на партизаните. За тоа сведочи и споменичното обележје, кое е малку десно од манастирот, а е посветено на деветмина загинати партизани, кои се бореле против бугарските окупатори во 1942 година.
Во конакот има 15 соби. Во празници е полн. Не само млади туку и повозрасни го посетуваат, затоа што тука можат да си приготват и храна, оти ги има сите услови. Деновиве за празникот летен Св. Никола ќе биде живо.
– Полека му го враќаме стариот сјај на манастирот – велат од одборот, не криејќи дека има уште многу работа.
Но додаваат дека кога се сака, сѐ се може. Сега градат амбари за засолнување на храната за стоката, понатаму ќе следува средување на дворот, другиот дел од манастирот…
Муабетот убаво ни оди. Еден од присутните ја раскажува легендата, според која, на врвот Коњаник над Прилепец имало кладенец, езеро за кое жителите на селото раскажувале дека имало многу вода. Селаните ја запирале затворајќи го езерото со волна. Некој овчар изрезбарил стап и го пуштил во кладенецот. Стапот бил пронајден во Егејско Море, се вели во преданието, за кое раскажувале селаните и го пренесувале од колено на колено.
Полека одминува денот. Време е за враќање, а времето некако се расипува. Ќе врне дожд. Сакајќи да „побегнеме“ пред дождот, тргнуваме, ама на половина пат „истури“. Не е страшно – пролетен дожд е. Ќе помине. И така, заврна преврна. Стигнавме до селото, се качивме во автомобилот. Фрливме уште еден поглед кон манастирот завиткан со зеленилото. Уште еднаш помисла брзо да се вратиме тука, во бисерот под планината.