Здружението за едукација на земјоделци Зелена берза од Битола започна со реализација на проектот „Од рурална жена до успешен претприемач без стереотипи и дискриминација”, што е финансиран од Фондацијата Отворено општество Македонија.
Целта на проектот е да се надминат стереотипите кои се однесуваат на дискриминација на жените, да се издигнат жените на ниво на успешен претприемач.
– Со проектот, подлабоко навлеговме во проблемите со кои што се соочува руралната жена, и во следните месеци ќе се обидеме да ги анимираме, да преземат нешто за да ги остварат нивните права, да се активира нивниот претприемнички дух – истакна Валентина Соколовска, претседателка на Здружението за едукација на земјоделци Зелена берза од Битола.
Проектот опфати истражување по пат на мини-интервјуа со жени-земјоделки кои одговараа на прашања преку кои се гледа на кое ниво е развиена свеста и дискриминацијата кај жената во земјоделието. На прашањето колкави се шансите на жените земјоделки да се остварат како претприемачи, тие одговорија дека тоа е на ниско ниво. На прашањето на кое ниво е развиена свеста за важноста на придонесот на жената, не само во домот, туку и во земјоделието, нивниот одговор беше дека и тука свеста е на многу ниско ниво – истакна на прес-конференција Биљана Ристевска, ангажирана во проектот.
Најчестите коментари на жените земјоделки биле дека шансите за да се остварат како претприемачи се мали, бидејќи немаат доволно финансиски средства, немаат време, не предводат во земјоделието. Тие во интервјуата уште и се пожалиле дека не е доволно развиена свеста за важноста на жената и нејзиниот придонес, и дека се уште е дискриминирана во однос на мажите. На прашањето, дали руралната жена посетува културни настани и има социјален живот, интервјуираните земјоделки одговориле дека немаат време, отсечени се и без превоз, повлечени се и не се дружат, немаат такво ниво на воспитување.
Истражувањето покажало дека само две жени земјоделки претприемачи имале успешна приказна, и рурални жени кои што здружени заеднички остваруваат некаква заедничка цел.
– Ова треба да биде поттик до сите рурални жени дека тие сепак можат да го остварат нивниот сон, само со поголема самоиницијативност, креативност и со поддршка во група и нивно здружување – нагласи Биљана Ристевска.
Во рамките на проектот од Здружението за едукација на земјоделци Зелена берза од Битола организираа и дебати за да ги слушнат размислувањата на претставниците на надлежните институции и претставници на здруженија. На една од дебатите, раководителот на Подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство од Битола, Методија Илиевски посочи дека податоците покажуваат дека 40 проценти жената е вклучена директно или индиректно во земјоделското производство.
– Од околу 6.000 регистрирани земјоделски стопанства во Битола кои ја покриваат територијата на општините Битола, Новаци и Могила, 2.000 носители се жени. Министерството за земјоделство минатата година за првпат ја воведе мерката 115, а тоа е активно вклучување на жената во земјоделието, а за неа имаа право да аплицираат само жените носители на земјоделското стопанство – нагласи Методија Илиевски, раководител на Подрачната единица на Министерството за земјоделство од Битола.
Според советникот од АПРЗ, Андреј Соколовски, претприемничкиот дух кај `ените земјоделки го има, но не е доволно искористен. Иако активно учествуваат во земјоделските активности, сепак, нејзиниот труд не е доволно вреднуван и признат, за што според Соколовски и сама треба да се избори. Во истражувањето беа опфатени сите општини од Пелагонискиот регион. М.М.