Покрај одличните настапи фолклористите од КУД „Рацин“ Кичево, на фестивалот во Црна Гора ќе останат запаметени и по македонскиот специјалитет, питулиците, што беа изложени на специјалните штандови поставени за оваа намена, подготвени од страна на кичевските домаќинки, кои ги одушевија фолклористите од сите земји учеснички на фестивалот. На разделбата, сите побараа рецепт како се подготвуваат овие питулици кои станаа вистинска реликвија за сите друштва од Стариот континент присутни во Цетиње.
– Нашето учество на овој фестивал, покрај трите целовечерни настапи кои беа посетени од голем број гледачи, беше збогатено и со промоција и презентација на производи и храна од нашиот регион и од Македонија. Од многуте понудени специјалитети на нашиот штанд, гостите беа одушевени од македонските питулици, и сите се интересираа како тие се подготвуваат – истакна Мирјана Божиноска в.д. директорка на Центарот за култура од Кичево, под чија закрила работи и КУД „Рацин“.
Од учеството на фестивалот фолклористите на Рацин од Кичево имаат двојна добивка, најпрво на најдобар можен начин ја презентираа целата убавина на македонскиот фолклор, а ја промовираа и македонската кујна на пошироките европски простори. Вниманието што и беше посветено на македонската кујна беше најпријатното изненадување и за фолклористите од Кичево. З.А.