Фото: Маја Јаневска-Илиева

Виница

Жителите на општината Виница, на неодамнешните локални избори, за предводник на општината го избраа Миле Петков, кандидат за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова за Македонија“.
Во краток разговор за „Нова Македонија“, новоизбраниот градоначалник истакна дека меѓу многуте проекти, најмногу ќе се фокусира на изградба на нова индустриска зона за малото стопанство, изградба на нова автобуска станица во Виница, изградба на булевар на влезот во Виница, изградба на туристичка и викенд-населба на Плачковица, како и изградба на затворен градски пазар.
Петков нагласи дека ќе работи и на уредување на речните корита на Виничка и Градечка Река, како и на промоција на проектот за изградба на спа-комплекс во Топлички Рид, во близината на с. Истибања. Во следните четири години, тој нагласи и дека ќе се набават современо противпожарно возило и опрема за потребите на ТППЕ Виница.
Советот на Општина Виница е составен од осум советници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, шест советници од СДСМ и коалицијата и еден советник од ЛДП/ДОМ.
Општината Виница е една од побогатите општини со археолошки наоѓалишта, меѓу кои,за туристите најпримамливи се населбата Виница од средниот век, Пазариште, населба од римското време, како и Виничкото Кале, утврдена населба од доцноантичко време, каде што се пронајдени автентични теракотни икони од ранохристијанскиот период.


Сарај

Жителите на општината Сарај за свој градоначалник го одбраа Блерим Беџети, кандидат за градоначалник од редовите на ДУИ.
Во следните четири години, тој истакна дека како приоритет ќе биде создавање клима за привлекување приватни инвестиции, како и функционирање на туристичките центри.
Беџети нагласи дека дигитализацијата на основните училишта и општинската администрација ќе му бидат приоритет, како и подобрувањето на патната и подземната инфраструктура. Новоизбраниот градоначалник на општината Сарај истакна и дека има уште голем број други важни точки што ќе создадат квалитетни услови за живот за жителите на општината.
Советот на Општина Сарај е составен од 14 советници од ДУИ, четворица советници од коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива и еден советник од Беса.
Во рамките на општината Сарај е еден од најатрактивните природни споменици на Скопје, Матка. Поради особеностите на самиот терен и тешката пристапност, која нудела поголема сигурност, во минатото во кањонот Матка биле изградени поголем број цркви и манастири и други сакрални објекти. Поради големиот број цркви и манастири, Матка го носи и името Света Гора. Денес постојат повеќето цркви од средновековниот период, поголемиот дел е зачуван во целост, а некои се во урнатини или постојат само нивни темели.
Тука се и двете пештери Врело – подводна и надводна. Подводната е прогласена за најдлабоката пештера во Европа.


Боговиње

Бесник Емши, кандидат за градоначалник од редовите на ДУИ, е новоизбраниот градоначалник што во следните четири години ќе ја предводи Општина Боговиње.
Фокусот на неговата работа во четиригодишниот мандат ќе биде ставен на изградба на канализациска мрежа во сите населени места во општината, како и изградба на нови паркови и засадување зеленило.
Тој нагласи и дека ќе се реконструира мрежата за водоснабдување онаму каде што ќе биде потребно и ќе се обезбеди доволно количество вода за пиење за сите населени места. Емши нагласи и дека ќе се работи на изработка на детални урбанистички планови за сите населени места во општината Боговиње.
Советот на Општината го сочинуваат деветмина советници од ДУИ, пет советници од коалиција Алијанса за Албанците и Алтернатива, четворица советници од Беса и еден советник од СДСМ.
Селото Боговиње е административниот центар на истоимената општина, која е лоцирана во непосредна близина на Тетово. Тоа претставува едно од најголемите тетовски села и воопшто во Полошкиот Регион.


Дебарца

Општината Дебарца на неодамнешните локални избори го доби својот старо-нов градоначалник Зоран Ногачески, кој на локалните изборите настапи како независен кандидат од група избирачи.
Тој за „Нова Македонија“ ги истакна приоритетните проекти на кои ќе се фокусира во следните четири години како градоначалник на општината. Истакна дека во наредните четири години, подигањето на квалитетот на живеењето во општината ќе биде неговата главна цел. Ногачески рече дека негова визија е општината Дебрца да прерасне во општина со одржлив економски развој, со позитивен природен прираст, доволно атрактивна за привлекување нови инвестиции, што ќе индуцира пораст на вработеноста и останување на младите. Ќе работи за општината да биде со изградена локална инфраструктура, посакувана дестинација за рурален туризам, како и да биде со еколошки чиста средина и производство на здрава храна. Тој исто така нагласи дека Дебарца ќе биде со заштитено културно-историско и природно наследство, како и со подобрена социјална средина и, секако, привлечно место за живеење и создавање .
Советот на Општина Дебарца го сочинуваат двајца независни советници, еден советник од ЛДП-ДОМ, четворица советници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и четворица советници од СДСМ и коалицијата.
Општина Дебарца особено е прославена по неколку настани од периодот на Втората светска војна. На Славеј Планина, на 18 август 1943 година, е формиран првиот македонски партизански баталјон „Мирче Ацев“, а истата година неколку недели Дебарца е првата и единствена слободна територија во Македонија за време на НОБ.