Македонска Каменица
Жителите во колективните станбени живеалишта се задолжуваат редовно да вршат дезинфекција на влезовите, заедничките простории, подруми и лифтови. Учениците да не ги користат училишниот двор и повеќенаменските игралишта за спорт и рекреација и превентивно да бидат задржани во сопствените домови. Граѓаните, пак, доколку забележат повратници од странство што не ја почитуваат забраната за движење со 14 -дневна изолација во домашни услови веднаш да пријават на телефонскиот број 192 на МВР. Ова се само дел од апелите и препораките што ги донесе Локалниот совет за превенција на Општина Македонска Каменица, кој на веќе одржаната средба ја разгледуваше актуелната состојба предизвикана од коронавирусот. Од општината велат дека, во согласност со мерките на Министерството за здравство, донесени се и низа други препораки и заклучоци.
– Преку службите на граничните премини, МВР во соработка со СВР и ОВР и другите служби, да се достави список на повратници од странство што се со постојано место на живеење во Општина Македонска Каменица. Од страна на Пазарниот инспекторат и МВР да се зајакне контролата во работењето над трговските објекти, како во градската, така и во руралните средини. Производствените погони во делот на текстилната индустрија да го организираат работењето на вработените во услови пропишани со мерките на Министерството за здравство. Автоматите за автоматска послуга на кафе на бензинската пумпа во градот да бидат поставени пред објектите и да се контролира бројот на лица во самите објекти поради нивна и сигурност на клиентите.
Препорака до образовните установи во соработка со Министерството за образование и Бирото за развој на образованието за воведување онлајн-настава – се некои од заклучоците на средбата, појаснуваат од Општина Македонска Каменица.
Локалниот совет за превенција исто така препорачува сопствениците на аптеки, маркети и поголеми продавници да воведат режим на влез и престој во објектите. Бројот на клиенти во објектот да биде ограничен според големината на објектот, а другите да чекаат во редица со пристојно растојание од минимум еден метар. ЈП „Камена Река“ во соработка со ТППЕ „Македонска Каменица“ се задолжува да врши редовна дезинфекција на фреквентните градски улици и јавни површини.
За старите и снеможени лица над 60-годишна возраст се отворени телефонските броеви 078 651 089, 071 377 841, 078 416 528 и 078 218 706 за повикување на мобилните тимови да ги снабдуваат со храна, лекови и со средства за дезинфекција. Една од мерките е затворање на зелените пазари на отворено, градскиот пазар, забавните паркови и повеќенаменските игралишта за целиот период додека траат мерките за превенција. На поголемите производствени субјекти што организираат превоз на работниците им се препорачува да вршат редовна дезинфекција на превозните средства и да ги следат мерките на Министерството за здравство. Општината во соработка со Центарот за јавно здравје – Кочани препорачува да се заврши процесот на вонредна и дополнителна дезинфекција во сите јавни установи.