БИТОЛА
Кучињата скитници ја зазедоа Битола. Ги има буквално насекаде во градот, почнувајќи од Градското шеталиште, кај Офицерскиот дом, „Епинал“, „Магнолија“, по речиси целата улица Широк сокак, ул. Прилепска, стариот и новиот градски пазар, како и во црковниот храм во Нова Битола. Иако засега никој не знае точно колку ги има во градот, според некои информации на упатените во Битола, моментно по улиците има повеќе од 300 кучиња скитници. Сите реакции на битолчани засега не дадоа плод. Од шинтерската служба на ЈП „Комуналец“, која бездомните кучиња ги згрижуваше во посебни кафези во Зоолошката градина, велат дека тие се немоќни да се справат со кучињата скитници, бидејќи тие од пред неколку години се под „заштита“ на неколку здруженијата за домашни миленичиња и локалната власт, бидејќи им е забрането да ги собираат. Според нив, наводно постоел премолчен договор помеѓу локалната власт и некои невладини организации за домашни миленичиња што се грижат за кучињата скитници, па истите тие по тој договор сега мирно се шетаат низ градот.
– Тие здруженија, кои се под менторство на некоја невладина организација од САД, наводно, зеле обврска да ги хранат, стерилизираат или кастрираат кучињата скитници, со што, наводно, ќе биле безопасни за граѓаните – велат од шинтерската служба.
Но, за жал, не е баш така. Не само што „спонзорот“ од САД многу малку се грижел за кучињата скитници туку и од невладините здруженија не покажуваат многу добра волја да ги згрижат, а од стационарот што требаше да биде изграден со помош на донација од САД, засега нема ништо. Граѓаните се исплашени. Особено е загрижувачка состојбата во новиот градски пазар каде што има голем број кучиња скитници, кои се распоредиле буквално на сите влезови во пазарот и ги плашат купувачите. Не мал број битолчани во изминатиот период беа каснати од кучињата скитници.
– Мора да се најде начин да се удомат бездомните кучиња во Битола, бидејќи нема да помине долго време кога некој ќе настрада од кучињата скитници – велат нашите соговорници.
Реагираат и од Градскиот пазар каде што трпат загуби бидејќи на голем број купувачи им е едноставно страв да пазарат од кучињата, кои ги пречекуваат на влезовите. На ваквата состојба се жалеле, но засега сите се прогласуваат за ненадлежни да го решат овој проблем, а љубителите на домашните миленичиња иако јавно искажуваат љубов кон сите животни, сепак, во практика се грижат само за своите домашни миленичиња.
За бездомните кучиња, кои во Битола ги има над 300, засега ретко кој покажува љубов да ги згрижи и прибере, па дури и тие што во изминатиот период вербално покажуваат голема „грижа“ за нивната судбина, но притоа ги остават да скитаат каде што сакаат во Битола, без да имаат свое живеалиште. Во овој период изостана и згрижувањето на бездомните кучиња од битолчани, кои важеа за големи љубители на домашните животни.