Фото: Игор Бансколиев

Кичево

Проблемите што ги создаде пандемијата од коронавирусот се претворија во непремостлива пречка за нормално функционирање на таксистите во сите градови во земјава, па и во Кичево. Така, една од гранките што најмногу се погодени од ковид-19 во овој град е токму такси-превозот. Сите што се занимаваат со оваа дејност се на работ од својата егзистенција, поради драстично намалениот број на патници, а со тоа и на прометот. Некои дури размислуваат на одреден период да ја стават во мирување својата работа, за да го спречат зголемување на трошоците и загубата во работењето.
– Со оваа работа се занимавам повеќе од две децении, но никогаш сме немале помалку работа од последните месец-два. Дури се случува за цело работно време да бидеме ангажирани само половина час. Не можеме да заработиме за да ги покриеме основните трошоци, а камоли нешто и да остане. Граѓаните се толку исплашени од коронавирусот, чиниш како да исчезнаа од градот. Ако продолжи оваа агонија, ќе бидеме принудени на одредено време да ја ставиме во мирување нашата работа, до периодот додека барем делумно не се смират состојбите, народот да се ослободи од овој стрес и да почне да живее нормално – вели еден од повозрасните таксисти во градот, кој смета дека нивната утрешнина е крајно неизвесна.

Покрај малиот промет, таксистите се загрижени за своето здравје, поради блиските контакти со патниците што ги возат, бидејќи поединци може да бидат и носители на вирусот.
– Последните месец-два прометот кај нас таксистите е катастрофален. Нема кого да возиме, бидејќи граѓаните исплашени од вирусот, воопшто ги нема на улица. Покрај слабиот промет, ние сме директно изложени и стравуваме од можна зараза од нашите патници што ги превезуваме. И затоа во последно време, за да бидеме колку-толку безбедни, носиме заштитни маски и ракавици. Има и препорака во нашите возила да превезуваме најмногу до двајца патници што ќе седат на задните седишта – вели таксист од Кичево, чие размислување и став го делат и другите негови колеги.
Сите таксисти се исплашени од вирусот, но и од малиот промет, од кој не можат да обезбедат ни минимална егзистенција. Поради овој проблем е загрозена живеачката на повеќе од сто семејства што опстануваат од такси-превоз.