Советот на Општина Охрид на денешната вонредна седница од 15 гласа го избра Константин Георгиевски за вршител на должноста градоначалник.
Георгиевски, инаку координатор на советничката група на СДСМ, на функцијата ќе го замени проф. д-р Јован Стојаноски, кој ненадејно почина на 15 декември на 48 годишна возраст.
После назначувањето на функцијата тој изјави дека ќе се залага за продолжување на реализација на проектите и исполнување на визиите на неговиот претходник.
Георгиевски ќе ја извршува градоначалничката функција до вонредните избори за градоначалник што ќе бидат распишани дополнително, најверојатно заедно со претседателските.