Фото: Зоран Антоски

Соочени со граѓанската недисциплина и одлагање на секаков вид отпад во контејнерите, кој во повеќе наврати е причина за дефекти на специјалните возила за транспорт на комунален отпад и редовно оштетување на контејнерите, кичевски „Комуналец“ уште еднаш излезе со соопштение, со кое апелира за граѓанска послушност и придржување кон одредбите согласно член 6 од Законот за управување со отпад.

Директорот на ова комунално претпријатие во повеќе наврати со замолница до граѓаните, редовно да се придржуваат кон она што тие го предлагаат, во контејнерите да се одлага единствено комуналниот отпад.

Фото: Зоран Антоски

-По којзнае кој пат ги потсетуваме граѓаните дека согласно Законот за јавна чистота, електричните апарати, мебелот, градежниот шут, делови од стари автомобили, трева, градинарски и овоштарски отпадоци, да не ги одлагаат во и крај контејнерите, бидејќи истите не припаѓаат во комуналниот отпад и нема да бидат подигнати од страна на нашето претпријатие – се вели во соопштението на ЈКП „Комуналец“.

Оттаму апелираат, доколку граѓаните поседуваат некомунален отпад, задолжително да го почитуваат законот и за овој отпад да побараат возило од комуналното претпријатие и за одреден надомест, отпадот ќе биде транспортиран од дворот на граѓанинот. Ако не се почитуваат одредбите на Законот, општинскиот комунален инспектор, униформиран полициски службеник и комунален редар, се должни на сторителот на прекршокот да му поднесат соодветна пријава или изречат глоба.

Дали овие мерки ќе ги променат навиките на граѓаните на Кичево, кои како да не сакаат да живеат во чист и уреден град.

З.А.