Фото: Зоран Антоски

По капитулацијата на Италија, на денешен ден 11 септември 1943 година, Кичево стана првоослободен град во Македонија во времето на НОВ и прва ослободена територија во Македонија. По првото ослободување и по 21 ден, Кичево е повторно окупирано и завземено и до ноември 1944 година, уште четири пати е ослободувано.

Денес по тој повод во градот беше одбележан овој светол ден во поновата македонска историја. По интонирањењето на македонската химна, од страна на претставници на боречката организација пред музејот Западна Македонија во НОВ, беше подигнато знамето на Кичевско-Мавровскиот партизански одред, кое на јарболот ќе остане 21 ден, период колку што траело и првото ослободување на градот.

Фото: Зоран Антоски

Потоа пред присутните говореше претставникот на боречката организација Владо Дејаноски.

-По првото ослободување во градот Кичево, била создадена слободна територија од Буковик до Ботун, градот ја почуствувал слободата а следните денови во Кичево влегува и првиот батаљон „Мирче Ацев“. Била формирана народна власт, во која зеле учество претставници од сите националности кои живееле во градот. На 26 септември во Кичево се одржува голем народен митинг на кој присуствувале сите националности. Митингот се одржал пред оваа зграда и на оваа тераса, а на истиот збор зеле повеќе борци од Кичевско а говорел и делегатот на Врховниот штаб на НОВ, Светозар Вукмановиќ- Темпо. Впрочем во Кичево беше родена и првата слободна Македонија. Во времето на НОВ за петте ослободувања на градот и регионот, своите животи ги положиле 555 борци, чии коски почиваат во криптата на спомен костурницата на Китиното Кале- истакна меѓу другото претставникот на боречката организација.

Инаку годинава Кичево нема официјално обележување на овој ден од страна на локалната самоуправа.

Потоа пред споменикот во спомен костурницата на Китиното Кале, букети свежо цвеќе положија претставници на боречката организација, АРМ, дел од политичките партии и поголем број почитувачи на периодот на НОВ.

З.А.