КИЧЕВО
Околината на Кичево изобилува со голем број планински врвови, кои ги мамат младите од градот да побараат нови предизвици во искачувањето на некој од овие врвови. Покрај искачувањето до неизбежното Крушино и Кнежино, сѐ поголем број рекреативци се определуваат да се искачат и на Илиница, планина што се надвиснува речиси вертикално над самиот град од источната страна.
Поради стрмните падини по кои се искачуваат рекреативците, потребни се добра физичка подготвеност и вештина.
– На прв поглед Илиница изгледа лесно совладлива цел, но како се движите кон врвот така теренот станува сѐ потежок за движење, а речиси вертикалните стрмини кон највисоката точка, од вас бараат добра физичка подготвеност и висока концентрација, затоа што и најмало невнимание може да придонесе да се лизнете и да се повредите. Не знаеме прецизно колкава е далечината до планинскиот врв, но за едно искачување на врвот е потребно време од околу еден час за поискусните искачувачи. На врвот, ако времето е ведро, ќе ви се укаже прекрасна панорама на Кичево и се гледа речиси целата котлина како на дланка. Глетка од која застанува здивот и поради која посакувате повторно да дојдете – вели Бобан Стојановски, планинар и извидник од Кичево, кој 10 пати се има искачено до врвот на Илиница.
При самата помисла на Илиница првата асоцијација за постарите жители на градот е репетиторот, од каде што зрачеше ТВ-програмата за Кичево и за регионот веќе 35 години.
– Илиница во минатото не беше привлечна за искачување поради нејзината височина, туку беше интригантна поради репетиторот што беше поставен на нејзиниот врв. Сега, чести се посетите на членовите на планинарските друштва и извидниците од градот и затоа Илиница е редовна тура на повеќе млади од нашиот град. Првите искачувања до планинскиот врв одат потешко, но ако почесто ја минувате оваа релација ќе ви се чини како искачувањето да е многу полесно – вели Петар Тренески, планинар.
Дамнешна желба на рекреативците е да се изгради жичница од Кичево до врвот на Илиница, нешто што ќе го направи местото многу поатрактивно место. Но за реализација на ваков проект засега нема најава, бидејќи тоа чини многу пари.