Водата од Дојранското Езеро која пред неколку дена за неполн месец вторпат се излеа и ги поплави плажите и рекреативната патека полека се повлекува во езерското корито. Ова го соопшти градоначалникот на Дојран Анго Ангов, кој уште при првото излевање на водата рече дека општината може да го има истиот проблем поради се уште нерегулираното ниво на езерото.
При ова поплавување нивото на езерото се подигна за девет сантиметри над договорениот максимум со Грција кој е утврден уште во 1956 година.
– Проблемите што ги решававме пред неполн месец, повторно бевме принудени да ги решаваме и да ги санираме последиците од нив. Со максимално ангажирање на локалната самоуправа и Јавното комунално претпријатие успеавме да ги оспособиме плажите „Карач“, „Свети Никола“, „Калдрма“ и плажата кај Николиќ. Сите тие функционираат со највисоки стандарди и се ставени на располагање на првите гости кои веќе почнаа да пристигнуваат, рече градоначалникот Ангов и изрази надеж дека нивниот број ќе се зголеми во претстојниот продолжен викенд.
Штетите од последното излевање на водата од Дојранското Езеро се санирани, но нивото на езерото и понатаму не е регулирано што претставува потенцијална опасност за повторно излевање на водата при поројни и обилни дождови.
– Овој проблем конечно ќе го решиме кога ќе се стави повторно во функција каналот „Ѓолај“ кој се наоѓа на грчка страна и од кој истекуваше вишокот на водата од езерото. Решение за проблемот се уште немаме, но преговараме со грчките власти и се надеваме дека наскоро и овој проблем засекогаш ќе биде решен, истакна Ангов.