Крушево

Општина Крушево ги почна подготвителните работи за изградба на резервоар за вода во селото Белушино. Изградбата на резервоарот ќе чини 2.601.900 денари, а имплементацијата е во рамките на програмата за работа на Министерството за транспорт и врски. Од локалната самоуправа велат дека овој проект, кој тамошните жители го очекувале многу години, сега ќе стане реалност. Во моментов на терен се во тек градежни активности за изградба на пристапен пат, а веднаш потоа компанијата што по спроведена јавна набавка е избрана како изведувач ќе почне со изградба на резервоарот.

– Резервоар за вода во Белушино е ветуван со децении. Кога отидовме во населеното место и им кажавме на граѓаните дека е во тек оглас за јавна набавка не веруваа и веројатно со право, затоа што досега милион пати биле излажани. Исто така, при анкетите што ги спроведовме на терен, тамошните жители единствено што побараа е токму резервоарот. Денес резервоарот за вода е реалност и граѓаните се уверени во тоа – вели градоначалникот на Општина Крушево, Томе Христоски.