Во тек е изградба на локален патен правец во Кривопаланечкото село Трново и реконструкција на пат во селото Конопница, што се реализираат преку Центарот за развој на североисточниот плански регион.
 
Од локалната самоуправа на Општина Крива Паланка информираат дека се реализира третата фаза од проектот насловен „Подобрување на условите за рурален развој, развој на туризмот и мобилноста во Североисточен плански регион“ со што ќе биде извршена реконструкција на локален пат во населено место Конопница, кон место викано Спас-селски гробишта, а во оваа фаза се опфатени 310 метри должина и изградба на локален пат во село Трново во должина од 500 метри.
 
Вкупната вредност на овие зафати изнесува   околу пет милиони денари со пресметан ДДВ.
 
Покрај овие два инфраструктурни зафати, од општината посочуваат дека согласно динамиката на изведување градежни активности, планирано е во наредниот период да се започне и со  реализација на проектот „Доизградба на регулација на Скрљавски Дол“, финансиран со средства од Министерството за животна средина и просторно планирање и Општина Крива Паланка.
 
Изведувачот на работите е веќе воведен во градба и се очекува да отпочне со градежните активности на терен.