Кичево

Изолацијата во домовите сѐ повеќе ги тера луѓето да бараат оддишка во природата и да излезат од четирите ѕида на секојдневието што ни го наметна пандемијата на коронавирусот. А природата и природните феномени секогаш биле во фокусот на човекот. Дека природата изобилува со голем број феномени потврдува и изворот на минерална вода што се наоѓа во речното корито кај селото Дреново, Бродско, кој станува сѐ попосетен, затоа што лекува, особено стомачни болести. За да не дозволат речната вода да се меша со минералниот извор, селаните ги раздвоиле меѓу себе и така овозможиле минералниот извор среде реката секогаш да остане чист, а водата со природен состав. Овој извор е на оддалеченост од селото Дреново околу еден километар, а сега го посетуваат сѐ повеќе луѓе.

– Во многуте природни феномени во Порече, секако може да се вброи и изворот на минерална вода во речното корито на реката кај селото Дреново. За да спречиме мешање на водите, ние жителите од ова село, со помош на камења и бетон, го заградивме овој извор и оневозможивме минералната вода да се меша со речната вода и да биде со ист, непроменет состав. Капацитетот на овој извор на минерална вода не е многу голем, но водата што извира од него е многу лековита, особено за стомачни проблеми. Интересно е и тоа што и во периоди на суша и поинтензивни врнежи неговиот капацитет е константен и без осцилации – вели Боро Лескоски, жител на селото Дреново.

Тој додава дека минералната вода има лековити својства, што е потврдено и од референтна лабораторија во Скопје, но поради малиот капацитет на изворот, во него не е инвестирано.
– Уште во 1972 година, по мое барање, од Институтот за руди и минерали од Скопје нѐ посети еден експерт со задача да изработи анализа за водата од минералниот извор, која потврди дека водата е со извонреден квалитет, но поради малиот капацитет не е исплатливо да се инвестира во него. Водата од овој извор е толку популарна кај луѓето од регионот, што во летните месеци и празниците тука се создаваат редови, а луѓето чекаат да наполнат од водата или само да се освежат. Поради високата газираност на водата, порано, ако полните стаклен сад од изворот, не беше препорачливо тој да се наполни повеќе од половина, или ако е затворен, садот ќе распука – додава Лескоски.

Исто така во Порече многу популарен и надалеку е познат и изворот на солена вода кај селото Сланско, од каде што голем број жители од регионот полнеле вода за да месат леб, бидејќи во тие времиња не се продавала сол.