КИЧЕВО

Откако ја дознаа информацијата дека на Китино кале се реализира проект за негова ревитализација, секој викенд на овој локалитет може да се забележат голем број граѓани од сите возрасти, кои го посетуваат за да видат што се гради таму. Оние родители што имаат помали деца најголемиот дел од посетата на калето ја користат во делот каде што има реквизити за деца, додека повозрасните граѓани може да се видат во сите делови на калето. Најмногу се задржуваат на новоизградениот видиковец од каде што градот се гледа како на дланка. Граѓаните се задоволни од реализацијата на овој проект за преродба на калето.
– Масовните посети на калето во текот на зимава се најдобра потврда дека нашите сограѓани сакаат и во нивниот град да се создадат услови за рекреација и прошетка. Толку голема посета на калето не паметиме со децении, а реализацијата на овој проект повторно го претвори калето во пријатно катче за одмор, кое уште повеќе ќе биде посетено во топлите месеци.

Сите се љубопитни и имаат желба да видат што сѐ е направено, но сите се согласни дека она што е изградено на калето треба да се чува за да им користи на сите што подолг период – рече Перо Тренески од Кичево.
Родителите на помали деца велат дека децата најчесто се иницијатори за неделна посета на калето.
– Ова нешто навистина му недостигаше на нашиот град, убаво среден парк конечно го добивме. Ако некогаш сме во дилема дали да го посетиме калето или не, нашите деца се иницијатори за да дојдеме тука. И така безмалку секој викенд одредено време поминуваме тука, а така ќе биде и во летните месеци кога ќе биде уште поубаво со фонтаните и другите реквизити – вели Ацо Тасески, жител на градот.