Кичево

Она што зимата го пропушти во својот ударен период, како да сака да го надомести на своето заминување. Жителите на селото Дреново-Бродско во неделата ги разбуди зимски пејзаж создаден од снежната белина. Месното население беше по малку изненадено но и задоволно што ќе има повеќе вода, а и природата нема предвреме да се разбуди поради претходно повисоките температури, невообичаени за овој период од годината.

– Со зимата никогаш нема шега, а карактерот на природата често е непредвидлива категорија. Така, деновиве, кога се бележеа пролетни температури од над 20 степени и кога започнаа да цветаат овошките, утринава бевме изненадени и, наместо сончевина и топло пролетно време, дочекавме снежна белина и вистинска зимска идила на средината на март. Во нашиов регион не е новина во март да паѓа снег, но последниве неколку години снежните врнежи беа сѐ послаби и речиси ги немаше, па ова што се случи утрото во неделата е по малку невообичаена појава – вели жител на селото Дреново.