Здружението на пензионери од Куманово на своите пензионери денеска и во наредните два дена ќе подели точно 750 ваучери со вредност од 1.000 денари.

Вредносните ваучери ке бидат поделени само на оние пензионери чија што висина на пензијата е помала од 11.000 денари, а секој пензионер кој го исполнува овој услов за да си го подигне ваучерот во здружението треба да приложи чек од последната примена пензија како и фотокопија од личната карта.

Во оваа прилика секој пензионер заради моменталната состојба со коронавирусот покрај ваучерот од здружението како мало внимание ке добие и по една заштитна маска. Што се однесува пак до овие 750 ваучери истите пензионерите требаше да ги добијат уште при крајот на декември 2020 година, но тогаш доделувањето поради пандемијата беше одложено на неодредено време.

Инаку предходно здружението на пензионери од Куманово иста ваква помош додели и во 2019 година кога ваучери добија 600 пензионери истотака со помали пензии од 11.000 денари.

Во врска со доделувањето на ваучерите од раководството на здружението велат дека иако оваа помош е мала и солидарна, сепак претставува еден голем гест но и посветување на внимание на сите оние пензионери кои примаат релативно ниски пензии и дека оваа акција за помош на најзагрозените пензионери од општината Куманово ќе продолжи и во иднина.

Т.Д.