Во Битола, според податоците на Центарот за социјални работи 86 жртви се охрабриле да пријават семејно насилството. Тоа е над 50 проценти повеќе во споредба со истиот
период во 2019 година кога до Центарот за социјални работи имало 57 пријави.
Според психолозите причината за двојното зголемување на семејното насилство е пандемијата.
– Жртвите на семејно насилство кои што и претходно беа жртви на семејно насилство, сега во оваа ситуација се многу повеќе изложени на ризик, затоа што се затворени во
своите домови, заедно со насилниците. Но, од контактите кои секојдневно ги имаме со луѓето, имаме сознанија дека се зголемува насилството и кај оние семејства кај кои
претходно немало никакво насилство. Тоа се должи на пандемијата – вели психологот м-р Марија Младеновска – Димитровска.
Димитровска смета дека долгата изолација, економската несигурност и стравот, се главните причини за зголеменото насилство во домовите.
-Намалувањето на социјални контакти, губењето на работни места, губењето на слободата, сето тоа придонесе да се зголеми тензијата кај луѓето, кои се повеќе се исплашени, раздразливи, немоќни, нагласува Младеновска – Димитровска, според која за 8 до 10 проценти е зголемено насилството во семејствата и на ниво
на држава.
Таа смета дека бројот на жртвите на семејно насилство е многу поголем, затоа што голем број од нив не се охрабруваат да ги пријават насилниците. М.М.