Здружението на пензионери од Кичево во соработка со подружницата на „Лопушник“, им овозможи на своите членови на осум еднакви рати да се обезбедат со огревно дрво, кое започна да се испорачува до најстарите жители на Кичево на почетокот од овој месец.
Во зависнот дали запишале дабово или буково дрво пензионерите го добиваат договорениот енергент на домашна адреса со вклучен растовар од страна на добавувачот.
– И покрај проблемите со кои се соочуваме поради коронавирусот, сепак смогнавме сили на нашите членови и годинава да им обезбедиме огревно дрво на осум еднакви рати. Цената за еден кубик буково дрво изнесува 2600 денари, додека дабовото дрво е нешто поскапо и за еден кубик треба да се издвојат 2700 денари со вклучен растовар на дрвото во домот на нарачателот. Интересот за купување дрва на рати беше голем и на нашите пензионери. Подружницата на „Лопушник“, треба да им испорача близу 2000 кубици даб и бука. Традиционално интересот за дабот е нешто поголем, иако ова дрво е малку поскапо. За нашето здружение испорака вршат два камиони, кои очекуваме во наредните 3-4 месеци целосно да ги снабдат нашите членови со огревно дрво и пред зимата да бидат целосно подготвени за најстудениот период од годината – информираа од Здржението на пензионери од Кичево.
З.А.