Паралелно со замената на водоводните цевки во градот, каде во повеќе населби се инсталира нова водоводна мрежа, ЈП „Комуналец“ Кичево, врши замена на водоводните цевки во повеќе делови во село Зајас, како и во целиот регион, каде наместо старите водоводни цевки се поставуваат нови еколошки ПВЦ цевки, со многу подолг век на траење.
-Последните неколку месеци сме во интензивна акција на замена на старите водоводни цевки со нови еколошки ПВЦ цевки во повеќе градски населби, а слични зафати имаме и во повеќе рурални средини. Така деновиве тече акцијата на замена на водоводната линија во село Зајас, која ги снабдува со вода за пиење населбата Туфкалар и ОУ „Р.Р.Зајази“. Замената на водоводната мрежа е во должина од 350 метри, а профилот на новите ПВЦ цевки е Ф-63.
Претходно сличен зафат беше изведен во истото село во населбата Џума, во поранешниот објект на општина Зајаз, каде беа поставени нови водоводни цевки во должина од 250 метри со профил од Ф-90 и Ф-63. Со сите зафати што ги вршиме последните неколку години, губитокот на вода речиси не постои а старите азбестни водоводни цевки заминаа во историјата -вели Зенел Јонузи, директор на комуналното претпријатие.
З.А.