Започнаа чествувањата по повод 20 години од масакрот кај Карпалак

Во Касарната „Мирче Ацев” во Прилеп делегации од АРМ, од МО, од општина Прилеп, од здружението Карпалак, од семејствата на загинатите, политички партии, положија цвеќиња на спомен обележјето Карпалак по повод 20 години од загинувањето на 10 прилепски бранители кај Карпалак.

Им беше оддадена почит на Нане Наумоски, Сашо Китаноски, Горан Миноски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Бранко Секулоски, Дарко Вељаноски, Пеце Секулоски, Веби Рушитоски и Марко Деспотоски кои ги положија своите животи на браникот на татковината.

Со тоа започнаа активностите за одбележување на 20 годишнината од нивното загинување кај Карпалак.

При тоа командантот на артилерискиот баталјон потполковник Славчо Кузманоски рече дека нема да бидат заборавени.

– Ние не потклекнуваме, трагизмот на настаните ќе го преточуваме во спомените и
на страниците на историјата, која што на поколенијата ќе им ги пренесува сликите за настаните, но и доблестите и родољубието на чуварите и бранителите на сопствените огништа, на мирниот сон на нашите најмлади и на достоинствените вредности на човекот – рече потполковник Кузманоски.

Беше посетена и спомен собата на баталјонот каде се чуваат спомените за загинатите.

Активностите по повод 20-годишнината од загинувањето на бранителите продолжуваат утре. Ка.М.


Владата го отпочна одбележувањето на годишнината

Владата денеска го отпочна одбележувањето на 20-годишнината од загинувањето на армиските резервисти кај месноста Карпалак во вооружениот конфликт во 2001 година.

Надворешниот соработник за одбрана на премиерот, Драган Василевски со положување цвеќе на споменикот во касарната „Мирче Ацев“ во Прилеп, им оддаде почит на загинатите бранители Нане Наумоски, Сашо Китаноски, Горан Миноски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Бранко Секулоски, Дарко Вељаноски, Пеце Секулоски, Веби Рушитоски, Марко Деспотоски, сите од Прилеп и Прилепско.

Во име на Владата, по повод две децении од загинувањето на десетмината армиски резервисти, советникот Василевски вечерва положи цвеќе и на спомен обележјето во село Лениште, по што владиниот претставник го посети манастирот „Св. Петка“, каде се одржа вечерна богослужба.

Чествувањето на загинатите бранители ќе продолжи утре со положување цвеќе на споменикот во месноста Карпалак на автопатот Скопје – Тетово и оддавање почит на загинатите бранители пред комплексот Карпалак во центарот на Прилеп.

На 8 август 2001 година 10 резервисти беа убиени, а тројца ранети кога конвој од хермелин, два автобуса, камион и комбе од Прилепската касарна бил на пат кон Тетово. Кај месноста Карпалак конвојот бил начекан во терористичка заседа во 9.30 часот и врз него бил отворен жесток оган од тешки митралези и рачни ракетни фрлачи.