Во законскиот рок заврши откупот на тутунот од минатогодишната реколта. Според министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски откупени се 26.296.424 милиони килограми тутун, по просечна цена од 220 денари.
– Кон тутунопроизводителите откупните компании исплатиле 94 милиони евра. Тутунопроизводителоите до крајот на март ќе добијат по плус 72 денари субвенции. Односно државата кон нив ќе исплати 31 милиони евра. Вкупно 120 милиони евра ќе бидат исплатени кон тутунарите. Шеесет отсто од овие суми се кон тутунопроизводителите во прилепскиот регион. Годинава имаме историски највисока просечна откупна цена – рече министерот Димковски денеск при посетата во Тутунскиот комбинат во Прилеп.
Од Државниот земјоделски инспекторат посочуваат дека извршиле 3.000 надзори, а само до 25 февруари 650 надзори, со цел извршување превенција од неправилности, кои ги имало многу малку во оваа откупна сезона.
Од Сојузот на тутунопроизводители велат дека веќе преговараат за повисоки откупни цени за новата реколта, а ново е што годинава тутунопроизводителите ќе прават нови
договори директно со компаниите и дека ќе се промени Правилникот за откуп на тутун.
Кире Станкоски, директор на Тутунскиот комбинат, вели дека се преговара со Сојузот на тутунопроизводители и дека ќе се најде заеднички јазик за новите цени. Инаку, од Министерството за земјоделство велат дека тутунот е стратешка извозно ориентирана гранка која изминатите години бележи стабилно и одржливо производство.
Ка.М.