Хрватскиот пејач Петар Грашо синоќа одржа концерт на кој публиката на исполнетата Хераклеја не држеше дистанца, а повеќето посетители не носеа ниту маски, како што може да се забележи на фотографиите објавени на социјалните мрежи, на кои реагираат бројни незадоволни граѓани, додека револтираните битолчани бараат одговорност.
– Со години го сонував тој момент и живеев за тој настан. Но за жал поради пандемијата морав да ја одложам свадбата за наредната година. А во Хераклеја синоќа се организираше концерт на хрватскиот пејач Петар Грашо на кој присуствуваа илјадници гледачи. Ова е срамно. Едно ни се зборува нам, а сосема друго се прави.
За кој важат протколите, не знам. Изгледа само за нас, кои не можеме ни свадби да правиме – ни вели револтирана битолчанка.
Концертот на хрватскиот пејач Петар Грашо во Хераклеја навистина ја огорчи битолската јавност.
– Со месеци не ги имам видено моите внучиња, а сега гледам дека се прави концерт. Господ нека ни е на помош – ни вели друга читателка.
Присутните на концертот тврдат дека таму имаше илјадници посетители кои не ги почитуваа протоколите, не држеа дистанца и пееја со симнати маски. А тоа лесно може да се види од фотографиите и снимките кои излегоа на социјалните мрежи.
Според протоколите за јавни настани, предвидено е организаторите да го намалат присуството на публиката за 50 отсто, да се држи дистанца и задолжително да се носи маска.
Не е јасно кој е организатор на концертот и кој е одговорен за продажбата на влезниците, додека се поставува и прашањето кој ќе сноси одговорност за пропустите. М.М.