За да го доловат есенскиот амбиент во сопственото училиште, учениците и нивните наставници од основното училиште „К.Ј.Питу“ Кичево, во училишниот хол создадоа еко-катче, кое на секој одмор ќе ги потсетува на есен, годишно време кога сите плодови созреваат, а златно-жолтите лисја го завршуваат својот животен циклус.

-Во согласност со реализацијата на наставниот план и програма и наставните содржини за оваа учебна година, а по иницијатива на првиот човек на училиштето за уредување на училишниот ентериер, вработените и учениците пристапија кон формирање на еко-катче што беше создадено во компилација со училишните идеи. Ова еко-катче се уредува во согласност со годишните времиња и други симболики поврзани со наставата и одбележување на значајни датуми поврзани со училиштето-истакна Анета Божиноска, директорка на ова училиште.

Во уредувањето на ова еко-катче учествуваа 16 ученици од одделенската настава, нивните одделенски раководители и стручни соработници, а се вклучија и ученици од повисоките одделенија со цртање на уметнички мотиви и цртежи во училишниот хол.

З.А.