ПРИЛЕП

Во текот на изминатиот период од три години, со помош на Општина Прилеп, Министерството за образование и наука и Министерството за животна средина и просторно планирање, во реконструктивните зафати во прилепската гимназија „Мирче Ацев“, инвестирани се средства во висина од еден милион евра.
– Покрај комплетната реконструкција на покривот, инвестиција вредна 240.000 евра, изминатиот период е направено малтерисување на целиот објект и комплетно е обновен кабинетот по информатика. Минатиот месец заврши тендерот за реконструкција на гимназијата, која опфаќа целосна промена на дограмата, реновирање на фасадата, поставување лифт за лица со инвалидитет и уредување на подрумскиот простор, каде што ќе бидат отворени две или три нови училници – информираат во Општината.

Исто така, додаваат оттаму, проектот опфаќа санација на двата санитарни јазли во подрумот, како и обезбедување нови тоалети за лицата со инвалидитет на сите три ката по вертикала во вредност, за што од МОН се обезбедени средства во висина од 400.000 евра.
– Со реализацијата на овој голем проект започнуваме веднаш, за да го искористиме периодот на одржување настава од далечина и реконструкцијата да заврши во септември, за кога се надеваме дека учениците ќе започнат следење настава со физичко присуство – истакнува Димче Настески, директор на гимназијата „Мирче Ацев“.

Во соработка со Министерството за животна средина и Општина Прилеп, обезбедени се околу 90.000 евра за инсталирање нова котларница. Како што вели Настески, машинскиот дел е набавен уште минатата година и тоа ќе биде прва котларница на гас и на нафта, која ќе ги задоволува стандардите за заштита од пожари.
Истовремено, годинава ќе биде извршено комплетно пренасочување на водоводната мрежа, како и на фекалната и атмосферската канализација, а ќе се реконструираат и сите површини што се под асфалт.