ПРИЛЕП
Инфоцентар за електронски услуги е достапен за граѓаните на Прилеп три дена во неделата (вторник, среда и четврток). Исто така достапен е и онлајн центар како платформа за поддршка за употреба на е-услуги, како и мобилен центар за е-услуги за директна поддршка на граѓаните за користење специфични електронски услуги.
Проектот го реализира АГТИС, а е наменет за жителите од општините Прилеп и Долнени. Граѓаните ќе можат да добијат совети, техничка поддршка, упатства за регистрација на платформи и за користење на општинските е-услуги. Од АГТИС велат дека целта е мошне едноставна, а тоа е сензибилизирање на јавноста за можностите на дигиталната агенда и употребата на е-услуги, односно граѓаните да ги користат е-услугите, а институциите и општините истите тие да ги подобруваат и да го зголемуваат бројот на е-услуги.
– Пандемијата на коронавирусот ни покажа дека онлајн плаќањето е важно за нашата здравствена безбедност, бидејќи нема да бидеме изложени на физички контакт тогаш кога нема да сакаме, а сепак со онлајн плаќањето ќе бидеме во можност да не заостанеме со нашите обврски и остварувањето на нашите законски права. Нашата држава се обидува да биде во чекор со имплементацијата на „дигиталната агенда“, која е веќе реалност во светот и начин на живот.
Прва ставка во наизглед лесната задача е користењето на е-услугите од страна на граѓаните, но тоа бара од институциите и општините опсежна внатрешна подготовка (т.н. заднинска подготовка) своите податоци да ги дигитализираат и да ги постават на ефикасни платформи – велат од АГТИС.
Во јавноста, како што потсетуваат оттаму, има многу истражувања и податоци дека граѓаните „не ги интересираат“ е-плаќањето и е-услугите. Ние сме сигурни дека тоа „не ги интересира“ затоа што во моментов има мал број вистински е-услуги, а и граѓаните не се доволно информирани дека постојат е-услуги и како да ги користат.
– За среќа, ситуацијата се менува со поддршка и влијание од страна на медиумите и НВО-секторот, институциите веќе работат на воспоставување вистински е-услуги, што е поврзано и со нашето пристапување во ЕУ. Сепак, едно е мошне битно: политиката дејствува опортуно и ако нема јавни барања за подобрени е-услуги, тие нема да вршат притисок врз надлежните да воспостават ефикасни е-услуги. Тука се медиумите, кои „дигиталната агенда“ треба да ја поддржат и ова прашање да го направат важно. Можеби звучи нелогично, но медиумите можат повеќе да помогнат „да го фатиме патот на дигиталната агенда“ отколку самите институции. Тие ќе реагираат адекватно само ако видат дека граѓаните го бараат тоа од нив, а медиумите се тие што треба да го наметнат ова прашање. Не е залудно што ЕУ постојано ја нагласува улогата на медиумите за подобрување на демократскиот амбиент, затоа што државните акции ништо не значат ако не се претставени од медиумите и споделени со јавноста – велат од АГТИС.
Ова е дел од проектот „Е-услуга како самопослуга“, кофинансиран од Европската Унија, во рамките на проектот „Зголемување на граѓанското учество во дигиталната агенда – ICEDA“.