Во Домот за деца без родители во Битола повеќе нема ниту едно дете до тригодишна возраст. Сите 27 дечиња, напуштени од своите биолошки родители, се сместени во пет мали групни домови.
Во овие групни домови се распоредени и сите вработени кои пред тоа работеа во Домот за деца без родители и кои 24 часа ќе се грижат за децата.
– Со ваквиот начин на сместување на малите дечиња обезбедени се соодветни услови, на топлина и семејна грижа во која што децата можат да се развиваат и да го постигнат максималниот потенцијал. Овој проект го реализиравме пред се благодарение на соработката со УНИЦЕФ и амбасадата на Велика Британија, како и локалната самоуправа на Битола – истакна министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.
Според Царовска во петте мали групни домови во Битола има простор и за сместување на други дечиња, доколку останат напуштени од своите биолошки родители. Инаку, објектот каде што досега функционираше Домот за деца без родители, според градоначалничката Наташа Петровска, ќе биде преадаптиран во детска градинка, за каква има голема потреба во Битола. М.М.