Дождовите кои во последните денови паднаа во Битола и Пелагонискиот регион во голема мера го дополнуваат Стрежевското Езеро, кое од долготрајната суша беше доста „исушено“.
Од ЈП Стрежево нагласувата дека акумулацијата „Стрежево“ е наполно подготвена да ги прифати водите од врнежите кои го зафатија регионот.
Дневниот доток во акумулацијата изнесува околу 1,5 милион метри кубни вода или околу 15 м3/сек. Водите се зафаќаат од водотеците на Баба Планина преку Собирниот
(Алиментационен) канал и се внесуваат во сливот на реката Шемница.
Дежурните екипи со опрема и ресурси се активни на терен, ја следат состојбата предизвикана од обилните врнежи и преземаат мерки и координирани активности во
рамките на своите надлежности. Електро-енергетските постројки се исклучени, единствено во функција е ставена деривационата централа ХЕЦ „Довлеџик“, а со единствена цел – превенција од најмала можност за поплавување и вложување на максимални напори за зачувување на секоја капка вода во интерес на водокорисниците.
– Следниот период можеме да очекуваме значително подобрување на хидролошката состојба се со цел да можеме да обезбедиме подеднаков третман во давањето на услугите на сите корисници на вода. ЈП „Стрежево” – Битола со рационално користење на водата, намалување на загубите на вода на минимум и штедење на водата, ќе направи се да обезбеди доволно количина на вода за реализација на планот за сезоната за наводнување – истакнува првиот човек на ЈП „Стрежево“ Менде Граматковски. М.М.