Манифестацијата „Вешта жена“ стана прилика и децата да научат нови вештини како готвење и хуманизам. Тие со своите мајки и роднини заедно работеа на изработување на кулинарските дела, потоа ги продаваа, а средствата ги донираа за хумани цели.
За време на годинешното издание на „Вешта жена” во Тетово на посебни маси децата со помош на повозрасните подготвуваа домашен зелник и слатки декорации од чоколадо.
-Од неодамна во „Вешта жена“ се приклучија и „вештите деца“. Тие покажаа што можат да направат со нивните мали вредни рачиња. Се научија како да прават убави работи, а воедно како да бидат хумани. Една од најголемите придобивки е тоа што барем во такви моменти ќе бидат понастрана од компјутерските екрани и ќе бидат креативни – рече претседателката на „Вешта жена“, Снежана Стојановска.
Инаку, слатко од тиква попознато како речел и колач со тиква беа дел од традиционалните јадења со тиква кои доминираа на масата на традиционалната годинешно издание на манифестација кое е со ревијален карактер.
Сите изработени јадења беа продадени на присутните во публиката, а собраните средства веќе традиционално се наменуваат за хуманитарни цели. И овој пат манифестацијата “Етно вешта жена” на едно место ги собра сите припаднички на понежниот пол од различни возрасти, од различна етничка припаднопост, од различна професија, од различни градови.
А.С.