Водата од овие водоводи не смее да се користи за пиење и за приготвување храна сѐ до добивањето исправен примерок, велат надлежните
Во последните десетина месеци е забележлив порастот на селски водоводи со бактериолошки неисправна вода за пиење во кичевскиот регион. Тоа при редовна контрола го констатираа вработените во отсекот по хигиена и здравствена екологија од Кичево.
– Примероците земени на 25 април годинава од повеќе селски водоводи во општината не одговараат на правилникот за безбедноста на водата во однос на испитаните примероци и параметри во следните села: Шутово, Стрелци, Премка, Србица, Туин, Јагол, Јагол Доленци, Поповјани, Осломеј, чешмата „Света недела“ во Кнежинскиот манастир и крајпатната чешма на местото Крушино, наспроти стадионот.
Поради горенаведените причини, водата од овие водоводи не смее да се користи за пиење и приготвување храна сѐ до добивањето исправен примерок. Во меѓувреме е потребно воведување перманентна дезинфекција на водата, а до добивање исправен примерок, истата таа да се користи само со превривање – рече Сузана Тасеска од ЦУК-Кичево. Инаку, во претходните два наврата мострите земени од селските водоводи во зајашкиот регион покажаа дека водата таму беше бактериолошки неисправна за пиење, што овој пат не беше случај. Тасеска напомена дека во текот на целата година се вршат континуирани контроли на сите водоводи и јавни чешми во општината. Засега водата од градскиот водовод во Кичево е со константен квалитет и е во рамките на пропишаните параметри, што овозможува без проблеми да се користи за пиење и за готвење.