ОХРИД

Градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиески, е во неколкудневна работна посета на Белград. Во рамките на посетата тој се сретна со претседателот на српското собрание, Ивица Дачиќ, при што му предаде фрагмент од оградата од ковано железо, сопственост на српското собрание што ја красеше вилата „Билјана“. Станува збор за зачуван фрагмент од оградата што се наоѓал пред парламентот во Белград, во периодот од 1936 до 1956 година, по што бил демонтиран и пренесен во Охрид.

– Големо е задоволството што во Белград ја имав честа свечено да предадам дел од оградата на Собранието на Србија, како гест на пријателство помеѓу македонскиот и српскиот народ. Со претседателот на српското собрание, Ивица Дачиќ, имавме можност да поразговараме за дел од историските вредности на оградата чиј значителен дел беше пронајден во Охрид. На пригодната свеченост и во рамките на официјалната средба беа отворени повеќе теми на заеднички интерес, со што ја потврдивме добрата соработка помеѓу двете држави, која се темели на нашата заедничка историја и традиционалната поврзаност помеѓу двата народа. Особено беа потенцирани можностите за соработка во делот на туризмот и интересот за Охрид како посакувана дестинација на српскиот туристички пазар – истакна градоначалникот Георгиески непосредно по средбата.

Претседателот на српското собрание, Ивица Дачиќ, се заблагодари на пријателскиот гест на охридскиот градоначалник и македонската влада, кои се во насока на зајакнување на добрососедските односи меѓу двете земји.